MAYA MOUSE за прв
пат се појави на брановите на музичкото радио Канал 103. Набргу потоа Литиум
рекордс го издаде нејзиниот прв-деби албум. Без многу помпа и непотребен гламур
Maya го промовираше нејзиниот албум на нашиот пазар и стана дел од историјата
како прво меинстреам-електронско издание кај нас и секако едно од најмодерните
музички изданија во нашата сиромашна продукција на квалитет а преполно се кич
и невкус. Албумот беше проследен и со спот кој имаше извонреден успех кај публиката
но заради интересната приказна и лик во него (куче-робот) беше особено пријатно
пречекан од младата популација, мислам, на најмладата, децата. Извонредно каприциозна
кога се однесува до медиумите Маја многу тешко ќе ја натерате (ако не и воопшто)
да засатане an-face пред фото камера, а камо ли настап во живо на некоја од
прекубројните и најчесто безлични емисии на телевизиите.
Маја е навидум обична градска девојка, скромна и секогаш насмеана, преполна
со позитивна енергија и љубов за луѓето околу неа. Маја едноставно ве шармира
со својата едноставност и срдечност, во средбата со неа сваќате дека и нејзината
музика е само огледало на нејзината личност. Еден од поводите за овој разговор
е и нејзиниот настап во рамките на најголемата музичка манифестација кај нас,
фестивалот "Аларм" кој ќе се одржи од 12 до 14 јули во Љубаниште.
ФОКУС: Maya Mouse
проектот го престави како соло автор, музичар, изведувач, и се останато, а сега
овде се подготвуваш за настап во живо со бенд.
МАЈА: Да, јас тргнав во преоктот MAYA MOUSE сама и плановите за настапи во живо
беа сама да ги правам но преку интернет. Имено, планот ми беше да настапувам
во живо преку интернет, а музиката да ја изведувам од моето мало студио. Тоа
како план останува, но во меѓувреме почнаа да стигнуваат покани однадвор за
настап во живо. Затоа одлучив да направам бенд во една чудна формација кој ќе
може да одоговори на предизвикот да го презентира матерјалот од албумот со дополнителна
динамика која кореспондира со настапите во живо. Затоа ангажирав двајца гитаристи
Огнен Мангаровски и Борис Павловиќ кои ќе настапат во живо со мене.
ФОКУС: Како сето тоа треба да изгледа на сцена?
МАЈА:Прво основата ќе биде матрица а јас ќе свирам и бас гитара. Секако двете
гитари дополнително Ќе го збогатуваат звукот.
ФОКУС: Зошто бас? Обично во електрониката музичарите "трчаат" кон калвијатури-семплери-компјутери.
МАЈА:Сето тоа е во ред но во суштина јас сум басиста, сум настапувала (одамна)
со повеќе бендови во живо и сум свирела бас гитара., но не ме прашувај за тој
период, хаха, тоа беше на маргините и беше во она што се нарекува панк-андерграунд
сцена.
ФОКУС: Како тогаш еволуираше до ова денес?
МАЈА:Па преку фокус хахаха... Сигурно не си знаел, но јас пишував за Фокус и тоа
на самиот почеток кога ова списание почна да излегува, можеби тоа е "финтата"
зошто успеа да ме натераш да дадам интервју "во живо"
Порано свирев во бендови и се занимавав со новинарство. Нормално, музиката беше
најважна и таа беше движечката сила која ми помагаше не само да бидам кретивна
туку и да преживеам во сите превирања кои морав да ги прежувувам на овој мал,
остров наречен "Надеж", хахаха. Но после повеќе години минати во состав
кој во меѓувреме престана да работи, имав потреба да се досикажам како комплетен
автор на музика во која ќе можам слободно да се поигрувам со хармонии и со ритми
без да зависам од било кого. Тоа ми успеа благодарение на мојот компјутер кој
стана вистински музички центар и храм каде јас редовно се принесувам како жртва
на олтарот на творештвото. Компјутерот стана мојата филхармонија, мојот модус
вивенди. Но да останеме на чисто, тој, компјутерот, и понатаму е останува само
алатка и ништо повеќе. Рака на срце, подобра алатка во светот на музиката не постоел,
или инструмент , ако повеќе милувате.
ФОКУС: Но избегнуваш одредени медиуми, не даваш интервјуа за радио, за ТВ, само
новини. зошто?
МАЈА:Затоа што медиумите кај нас станаа една аморфна сива маса неспособна да пренесе
ниту да артикулира една интелигентна мисла или идеја. Секако, единствено доследни
(колку-толку) останаа пишаните медиуми кои пак искажаната идеја можат да ја пренесат
поексплицитно одошто телевизијата.
ФОКУС: Но сепак, за да се продава еден производ неминовна е потребата да биде
застапен и на телевизија, а ти одбиваш да се појавиш во живо на тв.
МАЈА: За да сум на ТВ имам спот кој во себе има убава топла порака. Ниедна ТВ
вртиопашка или оние дебилни-групни-седенки во студио не е способна ни грам да
пренесе од она што се нарекува уметност или барем идеја или тежнеење кон одрдена
уметничка цел. Што можам јас повеќе на светот да му кажам од мојата музика? Дали
дремењето во некоја фотеља со неколку килограми кафе и газирани пијалаци околу
тебе, одговарајќи на прашања од типот "што мислиш за стравот? " може
да придонесе за афирмација на музиката воопшто? Па тие луѓе кои се нафатиле да
прават емисии за музика појма немаат од областа која ја обработуваат. Убаво напиша
Фокус пред некој број "поарно бидете земјоделци, не бидете сељаци".
На нашите телевизии валдеат невкусот и незнаењето во огромни количини. Ако нема
медиум кој може да презентира она што го прави нашата електронска музичка сцена,
поарно да не се оди, одошто да се оди по секоја цена и да се направи повеќе штета
и за себе и за музиката. Вака ми е поарно, им кажав во Литиум дека на телевизија
нема да настапувам и точка. Секако, ако еден ден не се појави емисија која ќе
може да ја презентира музиката и авторот онака како што тоа се прави на емисиите
на емтиви и други музички телевизии или пак барем со грам дигнитет, тогаш со задоволство
ќе се појавам на ТВ.
ФОКУС: Но на тој начин одлижно функционира македонската поп сцена.
МАЈА: Но види колку автори имаш на истата? Повеќе од половината пеачи не би постоеле
ако Дарко Димитров одлучи да се пресели одовде. На прсти можат да се набројат
големи музички имиња кај нас кои создаваат музика, најголемиот дел од нив се само
пеачи.
ФОКУС: Дали би правела песни за други пејачи?
МАЈА:Секако, и со огромно задовоство, би сакала да направам неколку песни за неколку
"грла" во Македонија, а би сакала да придонесам малку и таа продукција
да стане посовремена, да мрдне малку од оној диско-фанк-од-осудесетите- стил кој
цела деценија владее кај нас.
ФОКУС:Пак за твојот настап, сепак во живо ќе се појавиш на Аларм
МАЈА: Е тоа е она за што ти зборувам, токму вакви манифестации можат да направат
позитивна приомена. Ваков напор од организаторот сигурно ќе придонесе за популаризација
на најквалитетните музички форми кај нас. Ова е понуда која не се одбива, по ниедна
цена.
ФОКУС: Имаш трема?
МАЈА: Сите сме возбудени, и јас и членовите на мојот состав. Со нетрпение го очекуваме
настапот. Да настапиш на фестивал на кој паралелно ќе има 4 сцени, каде се очекуваат
повеќе десетици илјади посетители со многу звучни имиња од странство(C.J Bolland,
UK Subs) и од Македонија е повеќе од чест. Но се радувам на тридневната дружба
со музичари публика со која ја делиме истата љубов за музиката, за онаа музика
која може да направи позитивни промени, но најмногу затоа што тука ќе се предтсави
музика која јас лично ја сакам и слушам. Ова е дефинитвно најголемиот настан во
музичката историја на Македонија.
ФОКУС: Па сега се наметнува само по себе, кои се твоите музички влијанија?
МАЈА: медиумите на 20, век се движечката сила на мојата музика, од култните филмови,
Одисеја2001, Блејд Ранер, Метрополис, преку поп иконите на нашето време, Шаде,
Битлси се до Соник Јут, Моби и Фет Бој Слим. Тоа е дел од мојот живот и моето
созревање, нив ги разбирам непосредно и ги доживувам како дел од себе затоа и
музички преку нив најлесно се изразувам, сепак, давајќи, колку е можно повеќе,
силен авторски белег на музиката која ја правам.
ФОКУС:Што понатаму?
МАЈА:Имаме понуди за настапи во Црна гора и Бугарија па потоа ќе работам малку
музика за театар, имено имам понуда да работам за еден проект кој треба да се
постави во Драмски, но неизвесно е засега, да не избрзувам. Секако, полека подготвувам
и нов матерјал и неколку нови песни кои ќе ги наменам на некои музички "фаци"
кај нас, потоа здравје...можеби нов албум, ќе видиме хаха..